Вистинската вредност на наставникот не е детерминирана со тоа што знае, ниту пак со неговата способност да го пренесе она што го знае, туку да ја стимулира желбата кај другите да знаат.
Да се биде учител, наставник- воспитувач, е најблагородната, најубавата но и воедно многу одговорна професија која подразбира посветување и одрекување. Посветување не само кон младата личност, но и кон секој оној кому се потребни знаења, вештини, секому кај кој постои желба, мотивација, интерес да влезе во светот на новите сознанија. Одрекување од своето време, времето за себе и најблиските за да се посвети на иднината, на децата и учениците.
Да се биде учител, наставник …
-Затоа што тоа е благородна професија која го воздигнува човекот на еден висок пиедестал во личност со високи морални, емоционални и интелектуални квалитети- Затоа што љубовта кон детето, човекот е онаа која го води светот напред;
– Затоа што учителот е нераскинливата нитка помеѓу генерациите; (многу генерации поминуваат во текот на неговиот работен век),
– Затоа што ја имаш можноста за влијание врз развојот, едукацијата, воспитувањето на младите генерации
– Затоа што си столбот во градењето на младата личност
– Затоа што имаш можност за придонес во развојот на својата заедница
– Затоа што учителот е и учител и воспитувач и родител и уметник и креатор на личности и ентузијаст;
– Затоа што имаш можност да бидеш партнер на детето, на ученикот, партнер во едно подолго патување наречено живот ;
– Затоа што имаш верба во себе, во сопствените способности;
– Затоа што поседуваш сенс за почит кон себе, почит кон помалиот од Тебе, почит кон повозрасниот, почит кон човекот и на тоа чувство ги учиш и своите ученици;
– Затоа што имаш доблест, љубов, разбирање, упорност, волја, трпение;
– Затоа што веруваш во можностите, потенцијалите кои ги поседува секое дете и ќе се бориш да нивните соништа бидат реалност, нивните надежи исполнети;им овозможи да станат реални нивните соништа и надежи ;
– Затоа што имаш можност да влијаеш на довербата и самодовербата кај ученикот како водилка на патот кон неговиот успех во животот;
– Затоа што си едуциран , поседуваш стручни познавања од наставната област , предметот, методите на настава, различните методолошки пристапи ;
– Затоа што можеш да поучуваш и да учиш поучувајќи…
„Добриот наставник е како свеќа – се троши самиот себе за да го осветли патот на другите.“
Преку нашите објави сакаме да испратиме пораки во духот на човечноста, еднаквоста , заедништвото и секако највозвишената нишка на нашето образование , а тоа е воспитната компонента и моралот со сите негови вредности .
—-Во нашиот храм на знаењето, нашиот втор дом, споделуваме безброј активности , проекти, спортски натпревари, ликовни колонии и изложби, поетски творештва, технички и сообраќајни активности и натпревари исполнети со заеднички и непосредни актуелни трудови, во кои има и разни истражувања и изуми, исполнети пред се и над се со почит, разбирање и многу љубов и толеранција.
—-Секој успех и постигнување е заслуга на нашата верба и надеж дека само со заеднички подадени раце,заеднички споделени знаења и несебична подршка од нашите ученици и наставници како рамноправни чинители на воспитно- образовниот процес, секој успех и секоја победа е наша, на нашето училиште , на сите нас.
—–Затоа нека ни биде долговечна и успешена нашата Веб-страна, нашето огледало и отворен прозорец кон погледите на секој добронамерник и секоја наша мисла и Ваша сугестија нека биде овенчана со духот на она што сме го вградиле во кодот на нашето училиште , на нашиот храм , на ова наше образование и воспитание.
„Образованието треба да се стреми кон тоа да ја доведе моралната, интелектуалната и физичката природа на учениците до совршенство за тие да можат да дадат најголем можен придонес за себе и за другите.“ – Ема Харт Вилард